На 26 септември 1928 година го напушта Скопје и заминува од родниот дом за да се приклучи на редот на сестрите од Лорето-Институтот на Блажена Богородица (Institute of the Blessed Virgin Mary) во Даблин, Ирска. На 12 октомври 1928 година официјално се приклучува на сестрите од Лорето и го избира името Тереза, по Св. Тереза од Лисје( патронка на мисионерите од Франција). За време на шестте недели престој во Даблин таа се воведува во редот (postulant) и го изучува англискиот јазик, јазик на кој се одвивала наставата во училиштата на редот Лорето во Индија.
На 1 декември истата година од Даблин заедно со група сестри тргнува со брод за Индија. Во Калкута пристигнува на 6 јануари 1929 година и го започнува своето искушеништво во Дарџилинг, град во западен Бенгал во подножјето на Хималајските планини. На 25 мај 1931 година го дава својот прв завет како сестра Тереза. Дадена и е првата професионална задача да предава географија и катехизам во училиштето Св. Марија во Калкута во рамките на манастирот на редот Лорето. Финалниот завет го дава на 24 мај 1937 година и станува позната како Мајка Тереза.
Мајка Тереза е меѓу првите жени учители во Индија и била многу почитувана и сакана од своите ученици. Работејќи ја со љубов својата професија таа бргу напредува и во 1944 година станува директорка на училиштето Св. Марија. Иако Мајка Тереза уживала во својата работа како професорка во училиштето, сепак сиромаштијата што ја гледала надвор од ѕидините на манастирот длабоко ја вознемирила.








