На 10 септември 1946 година патувајќи со воз од Калкута за Дарџилинг, доживува нешто што подоцна ќе го нарече “ повик во рамките на повикот ” за да „ја изгаси бесконечната жед на Исус распнат на крстот за љубов“ - I thirst (for love)- жед за љубов, не за вода, кој ќе и послужи како инспирација да го напушти манастирот Лорето и да се посвети на грижата за болните и сиромашните.
Со декрет од Папата Пиј XII на 12 април 1948 година Мајка Тереза добива дозвола од Ватикан да го напушти манастирот Лорето и да ја започне својата мисија помеѓу најсиромашните на улиците во Калкута. На 17 август истата година ја заменува својата калуѓерска облека со белото памучно сари со сини ленти(симбол на понизност,скромност и љубов кон Мајката Божја) и заминува за Патна каде посетува медицински курс со сестрите на Медицинската мисија, како подготовка за нејзините хуманитарни активности. Се сели во сламовите (најдолните гета) на Калкута поминувајќи ги првите денови меѓу сиромашните. Иако нема фондови ќе започне со школо под отворено небо за децата од сламовите.Организира кујни за гладните, иако често мора да моли за храна и набавки. На 19 март го добива првиот кандидат во својата мисија Субашини Дас( сестра Агнес по вклучувањето во редот) нејзина поранешна ученичка од училиштето Св.Марија во рамките на манастирот Лорето.
Во 1950 година на Денот на благодарноста- 7 октомври, Конгрегацијата на Мисионерите на Сестрите на милосрдие (Congregation of the Missionaries of Charity Sisters) во тоа време дванаесетчлена, и официјално е воспоставена како диоцезиска конгрегација, на Архидиоцезата на Калкута под Надбискупот Фердинанд Перие. Овој ден се прославува секоја година од страна на Сестрите на милосрдие.








