Осумдесет илјади посетители на Спомен-куќата на Мајка Тереза за една година

За една година од отворањето, Спомен-куќата на Мајка Тереза ја посетиле 80.000 луѓе, соопшти на прес-конференција раководството на таа национална установа, по повод првата годишнина од промоцијата на објектот што во спомен на нобеловката и хуманистка е изграден во центарот на нејзиното родно Скопје.

Прес-конференција по повод една година од работењето на Спомен куќата на Мајка Тереза
Прес-конференција по повод една година од работењето на Спомен куќата на Мајка Тереза

Директорката Рената Здравковска рече дека куќата е постојано посетувана од поединци и од организирани групи, меѓу кои има и бројни туристи од далечни земји, како Никарагва, Чиле, Израел, САД, Гватемала, Хаваи... а е неодминлива и за државните делегации кои ја посетуваат Република Македонија. Нивните импресии се собираат во отворените книги за впечатоци.

- Се потврди фактот дека со изградбата на Спомен-куќата Скопје доби не само музеј на најпозната скопјанка, туку оваа куќа се впиша во туристичката мапа на посетителите на нашата земја. Потврда за ова се сите позитивни мислења од сите кои на свој начин ја доживуваат Спомен-куќата на Мајка Тереза, која целиот свој живот го посвети помагајќи им на најсиромашните, рече Здравковска.

Таа соопшти дека за една година музејот ја збогатил својата постојана поставка со нови фотографии и неколку значајни документи подарени од Конгрегацијата на сестрите на љубовта. Меѓу нив се и крштеницата на Мајка Тереза, рачно напишаниот молитвеник, страници од уставот на конгрегацијата и голем број награди и признанија.

Музејот подготвува три изложби за годинашното одбележување еден век од раѓањето на Мајка Тереза кои ќе бидат финанансиски поддржани од Министерството за култура, и ќе се вклучи во централната државна манифестација  на 19 октомври - денот кога Мајка Тереза беше  беатифицирана т.е. прогласена за блажена.

Здравковска информираше дека постојано се работи на збогатување на музејската збирка и оти се планираат проекти за истражување на странски архиви, набавка на публикации од Мајка Тереза и откуп на фотографии и аудиовизуелни снимки од светски медиуми и новински агенции.

Музејот се финансира од свои извори и со донации. За таа цел ќе се изработува рекламен материјал (разгледници, брошури...) и јубилеен медал за афирмација на ликот и делото на Мајка Тереза. Влезот на Спомен-куќата е бесплатен за сите посетители, за кои седум дена во неделата се ангажирани четири водичи - кустоси.

По повод годишнината од отворањето на Спомен-куќата на Мајка Тереза, кој е изграден по проектот на архитектот Вангел Божиновски, денеска беше промовирана и веб-страницата на установата (www. memorialhouseofmotherteresa.org) и беше прикажан документарниот филм за посетата на Мајка Тереза на Скопје во 1978 година.